
Почитувани граѓани, почитувачи на ликот и делото на Мајка Тереза,
време е да се запрашаме себеси дали знаеме доволно за она што му се подготвува на градскиот Плоштад во Скопје, а во исто време и се подготвува на Мајка Тереза, најголемата хуманистка на минатиот век.
Оваа предлог-акција се базира на молкот од страна на медиумите кои до сега не успеаа да ги бомбардираат властите со прашања за кои граѓаните немаат одговор. Дополнително, новинарка од весникот Дневник при коментирање на фејсбук се дрзна да го соопшти следново: “Народот знае за се` досега што требало да се знае околу ова решение”.
Народе,
кој одлучува која е дозата информации која граѓаните треба да ја знаат за нивниот Плоштад? Народе, дали имате доволно информации за она што се подготвува на Плоштад? Народе, дали скромната и несебична Мајка Тереза би била среќна со вакво тајно и магаломанско здание на Плоштадот?
Ако сметате дека граѓаните треба да знаат повеќе и ако сметате дека во моментов не знаете доволно, време е за акција.
01. Свесни сме дека не можеме да влијаеме врз уредничката политика на Дневник и останатите приватни медиуми, врз односот на нивните новинари кон јавноста и кон конкретната проблематика;
02. Затоа, ќе се обратиме до државната информативна агенција МИА, која постои заради граѓаните, а работи со парите на граѓаните;
03. Пишете и на МИА!
————————————————————————————————
Предлог-порака до МИА:
Subject: Барам МИА да дознае повеќе за споменикот на Мајката Тереза на Плоштад!
To: mia@mia.mk, direktor@mia.mk, reporteri@mia.mk
Почитувани,
Ви пишувам заради мојата загриженост во врска со ниското ниво на информираност за изградбата на споменичен објект на Мајка Тереза на Плоштад Македонија во Скопје.
Од вас, како државна информативна агенција која работи за интересите на граѓаните и се финансисра од државниот буџет (од парите на граѓаните) барам до соодветните институции да ги поставите следниве прашања и да инсистирате на одговор:
- Од каде доаѓа потребата за споменично чествување на Мајка Тереза, во време кога за нејзиниот лик и дело во центарот на Скопје веќе постојат споменик и спомен – куќа?
- Кој и врз основа на каква анализа одлучи дека на Плоштадот во Скопје треба да се гради 30-метарски објект во чест на Мајка Тереза?
- Дали беше распишан јавен повик за инвеститор, автор и изведувач на објектот кој ќе се гради во чест на Мајка Тереза?
- Дали ваквото мегаломанско славење на Мајка Тереза не се коси со нејзините дела кои се карактеризираа со скромност, отчетност и чесност?
- Дали власта не требаше да му предложи на инвеститорот да ги вложи своите средства во помош на сиромашните, онака како што Мајка Тереза би инсистирала во ваков случај?
- Колку чини инвестицијата за изградба на новиот споменичен објект за Мајка Тереза?
- Кое е идејното решение за објектот и на каков начин ќе се избере доколку сеуште не е познато?
Со надеж дека вашите новинарски вештини и техники ќе извлечат повеќе информации на оваа тема, инсистирам на ваша одговорност во името на граѓаните на Република Македонија.
Со почит,
Име и презиме
